Pages

Sunday, November 4, 2007

Цапари - село со палати стари сто години

www.vest.com.mk
Година: 3 Број:850 Сабота 5/10/2003

ВИКИНЗИТЕ ОД АНГЛИСКИОТ ХОКСХЕТ ЗА ПРИЈАТЕЛСКО ОДБРАА ПЕЛИСТЕРСКО СЕЛО

Цапари - село со палати стари сто години
Во битолското гурбетчиско село Цапари повеќето куќи се големи градби, слични на староградски палати со големи прозорци и прекрасни огради од ковано железо, изградени од големи камења кои цапарчани ги....

Во густата борова шума над која се белеат снежните врвови на Пелистер, на само петнаесетина километри од Битола, на патот кон Ресен се црвенеат ќерамидите од село Цапари. Тесниот асфалтиран пат кој води до селото, кое пред неколку месеци се спријатели со британското село Хоксхет, поминува низ зелените ливади во подножјето на планината Баба.
На самиот влез од селото може да се видат големите, и по сто години стари куќи на цапарчани, кои повеќе личат на староградски палати со големи прозорци и тераси оградени со ковано железо. Речиси сите се изградени од големи камења кои жителите ги ваделе додека ги копале нивите на кои одгледуваат компири. Цапарскиот компир е познат исто како и јаболката од овој крај. Поголемиот дел од куќите имаат големи дворови, поплочени со камења, со убави средени паркови, богати со цвеќиња и дрвја.
"Веќе триесет години живеам сама во куќата. Порано некако крпев крај со крај, но сега станува се потешко. Од врнежите почна да протекува покривот и секојдневно гледам како се уништува мојот дом, во кој израснав и кој е поврзан со голем број историски случувања", вели 77-годишната Љубица Коцевска, која со својата сосетка седеше под една од сенките покрај тесната асфалтирана уличка која поминува до нејзината, сега најголема куќа во селото. "Таа е на мојата фамилија, но речиси сите се отидени на печалба во Америка. Јас останав сама, немам деца, а мажот ми почина уште на 30 години", вели Љубица.
Потсетувајќи се на минатото, Коцевска раскажува дека низ оваа палата, која има 10 соби и голем салон, поминале многу војски. "Германците кај нас имаа штаб, Бугарите направија кујна, додека албанската војска во една од собите неколку дена ги чуваше затворени фатените бугарски војници. Сите тие доаѓаа и си одеа", вели таа. Коцевска додава дека едно време, благодарение на големината, куќата била претворена и во селска гимназија.
Цапарчани кажуваат дека куќата на Коцевски не е единствена во селото со својата големина и убавина, нив ги има многу, само што поголемиот дел веќе се целосно уништени. "Некои од сопствениците заминаа за Америка и Австралија и повеќе не се вратија", кажува Јордан Станиновски, градоначалник на Општина Цапари, кој вели дека последниве неколку години посебно се чувствува замирањето на животот во ова пелистерско место. "Мештаните сега заработуваат од производство на компири и јаболка кои се продаваат на големо, доаѓаат купувачи од Скопје и од Албанија", вели тој, надевајќи се дека можеби ќе дојдат подобри времиња и селото ќе пркне.
Цапарчани, кои на крајот на јануари годинава беа домаќини на викинзите од Хоксхет, едно од најпознатите места по селски туризам во Велика Британија, велат дека нивното село од Британците било одбрано затоа што имале многу слични нешта. "На Англичаните им биле предложени поголем број села од Југоисточна Европа, меѓу кои и Цапари, за склучување на пријателство, но тие го одбрале нашето поради сличната местоположба. Хоксхет се наоѓа на надморска височина од околу 900 метри, а Цапари на околу 1.000 метри", објаснува Станиновски. Тој вели дека англиското село, чии жители се уште се нарекуваат викинзи, има околу 500 луѓе, исто колку што има и Цапари. "Друга заедничко нешто е тоа што британското село се наоѓа во најголемата езерска област Лејк Дистрикт, додека нашето село е во близина на Стрежовското Езеро, како и на планинските Пелистерски Очи и Орлови Бари", додава градоначалникот на оваа општина. Тој вели дека поголемиот број жители на Цапари, без оглед на годините, зборуваат англиски, затоа што нема фамилија од која барем еден член не е отиден на печалба во Австралија или во Америка.
"Доколку успееме да добиеме средства од Европската агенција за реконструкција за изградба на жичарница на северозападниот дел од Пелистер каде што снегот останува дури до јули, тогаш постои можност во Цапари да се развие селскиот туризам", кажува Станиновски.
На патот кој води до старата мелница, на самиот крај од селото живее Ристо Веловски, еден од најпознатите препаратори на животни во земјава. Во ходникот од неговата куќа тој има направено застаклена просторија во која има околу 50-ина препарирани диви животни, меѓу кои една огромна мечка што тој ја уловил пред многу години на Пелистер, и хиена и кобра во борба, за кои вели дека му се подарени од еден пријател. Само еден од сувенирите е издвоен на страна од останатите на посебен сталак во ходникот, на кој со пенкало е напишано 1972 годнина. "Оваа патка е првото животно што го препарирав и го чувам како многу драг предмет", вели тој. Велковски раскажува дека порано многу често одел на лов, но сега тоа го прави поретко. "Доаѓаат луѓе од цела Македонија и ми носат животни за препарирање, а, исто така, правам и крзнени шалови од лисици и други диви животни", додава тој.
Ретко кој од мештаните знае како селото го добило името. Тие велат дека имаат слушнато приказни дека тоа е останато уште од турско. "Во минатото во овој крај се чувале многу кози. Во Цапари немало куќа која немела коза. Па од козјото одење 'цап, цап', дошло и името Цапари", раскажуваат селаните. Според нив, млекото не се продавало и од него се правело сирење, исклучиво за потебите на семејството. "Кога Лазо Колишевски ги прогласи козите за штетни животни, тие беа масовно заклани, а со тоа се загуби и долговековната традиција за козарството во овој крај", кажуваат жителите, кои велат дека сега во селото има само еден човек кој чува околу 70 кози.

Ирена Смиљанска
Фото. Г. Чочков

http://www.vest.com.mk/default.asp?id=60754&idg=3&idb=850&rubrika=Revija

No comments: