http://www.vest.com.mk
Година: 8 Број:2502 Сабота 10/18/2008
НЕСЕКОЈДНЕВНА БЕРБА НА ПЕЛИСТЕР
Моликите раѓаат божикни украси
Кукуличките, како што ги викаат битолчани шишарките на моликата, може да ги бере само оној што има мускули и добра кондиција, оти за да стигне до нив берачот треба да се изјазли по молики високи и до 25 метри
На почетокот на септември жителите од потпелистерските села Трново, Магарево, Ротино и Цапари се подготвуваат за најголемиот предизвик во годината - бербата на шишарките од молика. Со вреќи на рамо се качуваат на планината и собираат кукулички, како што ги нарекуваат шишарките во овој крај. Бербата може да трае до крајот на октомври, се додека има сонце и вистински не заесени.
Собраните плодови од ендемичниот бор ги откупува Националниот парк Пелистер кој потоа им ги препродава на трговци од Германија и од Италија кои, пак, ги нудат на пазарот во Европа како божикни украси. Од шишарките се користи и смолата. Од неа се прават есенцијални масла.
Четириесет и седумгодишниот Димитраки Штериовски од Трново, кој собира шишарки цели 35 години, вели дека бербата воопшто не е лесна. Освен што берачите треба добро да го познаваат Националниот парк, секој од нив треба физички и кондиционо добро да е поткован и да ја знае техниката на берење за да не ја оштети ендемичната шума. Потребни се мускули и кондиција, објаснува Штериовски, оти за добра заработувачка, берачите дневно треба да се качат на дваесетина молики од по 25 метри.
На Штериовски, кој го затековме како собира шишарки на Пелистер, му требаа само две минути да се најде на врвот од една молика од триесетина метри. Ни рече дека сакал, не сакал, мора да дојде до врвот на дрвото, оти таму се кукуличките кои ги бараат трговците од Европа. Тие го откупуваат само годинешниот род оти е посветол и поубав од ланскиот. Освен што треба да внимаваат на квалитетот на родот, собирачите мора да обезбедат и посебна амбалажа. Шишарките се пакуваат во издупчени најлонски вреќи за да може да циркулира кислород и да не ги фати запурнина додека патуваат во Европа.
Откако Штериовски ја наполни вреќата, внимателно се симна од моликата. Вели, слегувањето е најтешкиот дел од берењето, оти е многу опасно. "Може да стапнеш на некоја сува гранка и да се испокршиш", кажува Димитраки.
Тој објаснува дека постојат два начина на берење шишарки - традиционален, кога шишарката се откинува од гранката и се фрла на земја, и модерен, кога собраниот плод уште на дрво се става во вреќа.
"При традиционалната берба, кога ја фрламе шишарката на земја, семето од неа се распрснува на сите страни и ја обновува шумата. А со модерниот начин на берење семето останува во шишарката, од каде што го вадиме, го пакуваме и му го продаваме на Националниот парк, кој потоа го користи за пошумување", раскажува Штериовски.
Берачот на шишарки вели дека од собирање шумски плодови искусните берачи можат да заработат и до 8.000 евра годишно.
"Националниот парк Пелистер годинава ни понуди добра откупна цена. Семето од моликовите шишарки ни го откупува по 300 денари за килограм, а за 1 килограм шишарки ни дава по 35 денари, но годинава родот е слаб. Лани откупната цена на шишарките беше многу ниска, само 25 денари за килограм, поради што немаше голем интерес за собирање, а имаше богат род", вели Штериовски.
Берачите уште оваа година знаат каков ќе биде родот следната година. Тоа го гледаат од пупките кои ги имаат пуштено гранките на моликата, а од кои следното лето ќе се развијат нови шишарки.
Сашо Мицевски, директор на јавната установа Национален парк Пелистер, вели дека досега се собрани околу 5.000 килограми или околу еден шлепер шишарки за извоз, а крајната откупна цена која ја плаќаат странските откупувачи се движи до 2 евра.
"Парите кои ги заработуваме се користат за опстојување на јавната установа. Тоа не се некои големи приходи, но не се ни за занемарување", вели Мицевски.
Според него, традицијата на берба на шишарки е задржана уште од поранешна Југославија. За време на СФРЈ, извозот на собраните шишарки од Националниот парк Пелистер одел преку словенечки шумски претпријатија, а по осамостојувањето извозот го реализираат трговски друштва.
"Тие земаат минимален процент од 2 до 3 отсто за направената услуга. Така беше до лани. Годинава јавната установа извади извозна дозвола, па сами ќе се обидеме да најдеме купци во странство", вели Мицевски.
Тој додава дека ако има добра цена и ако годината е родна, може да има и доста добри приходи од продажбата на украсните шишарки. Во минатото, вели Мицевски, имало години кога од Македонија се извезувале и по 25.000 килограми моликови шишарки кои на Националниот парк му носеле заработувачка од 50.000 евра.
Ирена Смиљанска
Фото: В. Тануровски
***
Кукуличките најбарани во странство
Странците ги бараат моликовите шишарки оти се многу поубави и поголеми од шишарките кои ги раѓаат другите видови борова шума. Откако на пареа од нив ќе ја исцедат смолата, трговците ги премачкуваат со лак и им ги нудат на цвеќарниците и на продавниците за сувенири.
Пелистерските кукулички, вака дотерани, најчесто стануваат главен детаљ на божикните икебани и елки или од нив се изработуваат најразлични фигури кои се продаваат како украси.
http://www.vest.com.mk/default.asp?id=158447&idg=8&idb=2502&rubrika=Revija
No comments:
Post a Comment